1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Турција и НАТО: Ердоган повторно се врти кон Западот

Синем Ездемир
13 јули 2023

По долго и жолчно одбивање кое траеше повеќе од една година, турскиот претседател Ердоган дозволи Шведска да влезе во НАТО. Зошто го промени ставот?

https://p.dw.com/p/4TlXP
Реџеп Таип Ердоган
По повеќе од една година, турскиот претседател Ердоган дозволи Шведска да влезе во НАТОФотографија: Gabriel Bouys/AFP

Двапати во ист ден, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган успеа да го запрепасти Западот: прво со дополнителен услов за членство на Шведска во НАТО, а потоа со изненадувачки компромис во последен момент.

Во понеделникот, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, објави дека Ердоган се согласил да го проследи барањето на Шведска за приклучување кон воената алијанса до турскиот парламент „што е можно поскоро“.

Пред да биде објавена потврдата од Анкара, Ердоган направи последен потег кој ги изненади сите. На прес-конференција пред да замине од Истанбул на самитот на НАТО во Вилнус, тој постави уште еден услов за членство на Шведска во НАТО.

Турскиот претседател рече дека неговата земја чекала пред портите на Европската Унија повеќе од 50 години и му се обрати на Брисел, велејќи: „Поплочете го патот за Турција во Европската Унија, а потоа ние ќе го отвориме патот за Шведска, исто како што го отворивме патот за Финска“.

Зачуден од овој потег, Брисел го отфрли барањето на Ердоган, нагласувајќи дека НАТО и ЕУ се посебни процеси. Сепак, во заедничката изјава објавена по договорот за НАТО се вели дека Шведска „активно ќе ги поддржи напорите за повторно заживување на процесот на пристапување на Турција во ЕУ, вклучително и модернизација на Царинската унија ЕУ-Турција и визна либерализација“. 

Дали Турција повторно го врти лицето кон Запад? 

Иако провладините медиуми во Турција ја прикажаа поддршката на Шведска како победа на Ердоган, експертите велат дека ова не е ново достигнување за Анкара, бидејќи Шведска долго време е една од земјите во ЕУ која што го поддржува членството на Турција. Озгур Унлухисарчикли, директор на канцеларијата на германскиот Маршалов фонд во Анкара, смета дека потегот на Ердоган сепак може да се смета за важна порака.

„Мислам дека по изборите, Ердоган бара попозитивни односи со САД и Европа и тој сака да биде прифатен од нив“, рече Унлухисарчикли. „Земете ги неговите зборови за трасирање на патот кон ЕУ, на пример; ништо нема да се случи во овој поглед, и тој го знае тоа. Но, она што тој сака да го каже е: „Не ме исклучувајте“.

Друга теорија е дека Турција, со рекордни стапки на инфлација и брзо опаѓање на лирата, ја менува својата политика на рамнотежа меѓу Русија и Западот во корист на Западот, главно од економски причини.

Анкара би можела да постигне економски предности со модернизирање на Царинската унија ЕУ-Турција. Оваа модернизација има за цел да ја прошири унијата за да вклучи земјоделски производи, сектори за услуги и државни набавки покрај индустриските производи. Турскиот бизнис, исто така, се обидува да се заштити од софистицираните трговски договори на ЕУ со трети земји. 

Патувањето на Турција во ЕУ и кршењето на човековите права 

Преговорите за пристапот на Анкара во ЕУ, кои започнаа во Брисел во 2005 година, не постигнаа конкретен напредок. Особено по обидот за државен удар во јули 2016 година, преговорите дојдоа во застој бидејќи антитерористичките мерки преземени од Анкара доведоа до кршење на човековите права.

Осман Кавала
Анкара не ја следеше одлуката на Европскиот суд за човекови права, најпознатото тело на СЕ, за „итно ослободување“ на Осман КавалаФотографија: DW

Набљудувачите во Европа тврдат дека за значително заживување на односите Турција-ЕУ со перспектива за членство, Турција мора прво да ги нормализира своите односи со Советот на Европа (СЕ), меѓународна организација основана за да ги поддржува човековите права, демократијата и владеењето на правото во Европа. Таа е независна од ЕУ, но ниту една земја никогаш не се приклучила на блокот без претходно да му припаѓа на Советот на Европа.

Турција е членка на СЕ, но нивниот однос е нарушен во последните години. Анкара не ја следеше одлуката на Европскиот суд за човекови права, најпознатото тело на СЕ, за „итно ослободување“ на Осман Кавала, турски активист и филантроп кој е затворен од 2017 година и Селахатин Демирташ, истакнат курдски политичар кој е во затвор од 2016 година.

Доколку нема напредок во случајот Кавала, Советот на Европа оваа есен ќе почне да преговара за можни санкции против Турција. Значи, Анкара треба да направи многу повеќе за процесот на пристапување во ЕУ отколку да го одобри членството на Шведска во НАТО.

Дали Анкара ќе ги добие авионите што ги сака од Вашингтон?

Иако патувањето на Турција во ЕУ не се движи кон реална дестинација во блиска иднина, одлуката на Анкара за Шведска може да биде почеток на нови договори со Вашингтон.

За консензусот постигнат во Вилнус придонесоа и неодамнешните дипломатски контакти со САД. Американскиот претседател Џо Бајден ја поздрави одлуката на турскиот колега во пресрет на самитот на НАТО.

„Подготвен сум да работам со претседателот Ердоган и Турција за зајакнување на одбраната во евроатлантската област“, рече Бајден во изјавата објавена од Белата куќа. 

САД и Турција одат кон тешка дипломатска криза

Во пресрет на самитот, уште една витална изјава дојде од Вилнус. Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан рече дека САД најверојатно ќе продолжат со трансферот на авионите Ф-16 во Турција, во консултација со Конгресот.

Додека Анкара и Вашингтон тврдат дека нема врска меѓу двете прашања, развојот на настаните доведе до шпекулации дека повлекувањето на Ердоган од блокирањето на патот на Шведска во НАТО ја донесе Турција чекор поблиску до договорот за Ф-16.

авиони Ф-16
САД најверојатно ќе продолжат со трансферот на авионите Ф-16 во ТурцијаФотографија: Mustafa Ciftci/AA/picture alliance

Анкара ја повторува својата желба да купи 40 нови ловци Ф-16 и околу 80 комплети за модернизација за нејзините постоечки воени авиони. Сепак, и покрај напорите на Бајден да ја добие поддршката од Конгресот за ова прашање, некои членови на Конгресот, особено претседателот на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Боб Менендез, не беа убедени во продажбата поради купувањето на руските ракетни системи С-400 од Турција, како и други грижи - вклучително и блокирањето на членството на Шведска во северно-атлантската алијанса од страна на Турција.

Откако Ердоган даде зелено светло за членството на Шведска, Менендез даде и претпазливо оптимистичка порака. Американскиот сенатор рече дека и покрај неговата резервираност, разговара за ова прашање со администрацијата на Бајден и дека во текот на следната недела би можел да одлучи околу борбените авиони.

„Ф-16-овите можеби нема да дојдат веднаш, но веројатно е дека се дадени силни гаранции дека на крајот ќе бидат испорачани“, тврди Асли Ајдинтасбас, поранешна новинарка од Турција, во нејзиниот текст за Вашингтон пост. Според Ајдинташ, пошироко ресетирање би можело да се случи ако и Турција и Западот ги одиграат своите карти правилно.

Само времето ќе покаже дали новите случувања во НАТО ќе започнат ново поглавје за Турција со нејзините западни сојузници.